Концерт во Белградска Арена
Нa 14 февруари 2007 година, Тоше одржа спектакуларен концерт во српската престолнина - Белград. На неговиот концерт присуствуваа помеѓу 15 и 20 илјади луѓе од сите генерации. Концертот се одржа во Белградската Арена, најубавата сала за концертни, културни и спортски активности на Балканот.
За концертот на Тоше, српските медиуми известуваа неколку дена претходно, респектирајќи го како голем и централен настан во српската метропола. Тоше со своето тричасовно шоу успеа да го докаже тоа. Тој го започна концертот со песната Пратим те (македонска верзија По тебе), а потоа се изнаредија сите негови хитови од српската фаза на неговата кариера, со исклучок на Тајно моја, која публиката на течен македонски ја испеа хорски, од прв до последен збор.
"Ова е најсреќен ден во мојот живот. Прв пат ми се случува концертот кој уште да не е почнат, јас се плашам дека ќе заврши" - рече Тоше по неколку испеани песни. На одличен српски јазик, Тоше без проблем комуницираше со својата публика како никогаш до сега. Ерупција од задоволства настана кога најпрво им го честиташе православниот празник Св.Трипун, па интернационалниот Св.Валентин. Фидбекот постојано се враќаше од другата страна, оти фановите ги знаеја сите песни напамет.
Како што забележаа некои медиуми, Тоше на концертот се покажа како одличен гитарист, речиси на самиот старт кога се фати за гитара, во изведба на Лејди. Со него на сцена беа и членовите на неговиот бенд Blue Funky Individuals, диригентот Саша Николовски - Ѓумар, симфониски оркестар, хор...и сите беспрекорно си ја завршија својата работа.