Третиот голем концерт на Градски стадион
Тоше ја воодушеви публиката со својот енергичен настап
Тоше Проески е единствениот македонски пејач што успеа да го наполни Градскиот стадионПод мотото „Образованието е одговорност на сите“ поп-ѕвездата Тоше Проески, на 5 октомври 2007 во 19. 30 часот, одржа спектакуларен хуманитарен концерт на Градскиот стадион во Скопје, поддржан од организацијата УСАИД. Парите од билетите, кои чинеа 200 денари, се искористија за петгодишниот проект за основно образование финансиран од фондацијата. Со нив ќе бидат реновирани околу 100 училишта во Македонија, ќе се подобри наставната програма и ќе се спроведат образовните реформи. На вчерашната прес-конференција во хотелот „Континентал“, освен Тоше, присуствуваа претставници од УСАИД. Директорот Мајкл Еди, кој се обрати на македонски, рече дека се гордее што работи со ѕвезда од рангот на Проески. Тоше истакна дека „Никола Карев“, училиштето во кое учел во Крушево, забрзано се реновира.
- Чест ми е што сум дел од проект од вакви размери и од големи планови за македонското образование. Сите концерти ми се драги, но хуманитарните многу ми значат оти остануваат трајно. Ако се подобри образованието во Македонија, ќе имаме поздраво општество - изјави Тоше.
Како негови гости настапија Адријан Гаџа, Бојан Маровиќ и Антонија Шола. Тоше на прес конференцијата непосредно пред концертот истакна дека секогаш ќе се чувствува како Македонец и никогаш нема да ја напушти својата татковина. - На успехот секогаш е залепено зло зашто човечката природа е таква. Се надевам на поддршка од сите за да се справам со злобните луѓе, оти не можам да го направам тоа сам - рече пејачот. Вториот голем солистички концерт на Тоше Проески, на Градскиот стадион, повеќеилјадната публика ќе го памети по неговиот силен и енергичен настап, како и по фактот дека таа ноќ Тоше максимално и се даде на македонската публика. Особено запаметено останува неговото барање: "Сликајте ме со ѕвезденото небо", кога илјадници мобилни телефони и запалки светнаа на неговите романтични рефрени.
По завршувањето на концертот, на Тоше и на неговите колеги им беа доделени статуетки Мајка Тереза, од истоимената фондација, како знак на благодарност за хуманото дело. Тоше ја предаде статуетката на неговата мајка Доминика, која му ја всадила хуманоста од мали нозе. Додека се случуваше сето тоа, небото над Скопје, го осветлуваше величествен огномет во чест на Тоше.
Со специјални backstage материјали, концертот од 5 октомври 2007 година, беше емитуван на Бадник - 6 јануари 2008 година на А1 Телевизија, од 15 до 19 часот.